Skip to content

Кога се препорачува носење на холтер за крвен притисок?

холтер

Што е холтер?

Холтер за крвен притисок е дијагностичка процедура со која се врши 24 часовно мониторирање и регистрирање на крвниот притисок при што пациентот си ги извршува нормално секојдневните активности.
Во различни ситуации (напор, мирување, стрес…) и во зависност од периодот на денот (будност или спиење) се менуваат вредностите на артерискиот притисок.

За време на мерењето на крвниот притисок добиваме актуелни вредности на крвиот притисок во моментот на мерењето. 
При лекарски преглед, вредностите на крвниот притисок често се покачени поради возбуда на пациентот (феномен на бел мантил) или остануваат ниски бидејќи прегледот за одредени пациенти не претставува ниту напор, ниту стрес.

Едно мерење на крвниот притисок не ни дава комплетни податоци за вредноста на крвниот притисок во текот на целиот ден. Носењето на 24 часовен холтер за крвен притисок ни овозможува да утврдиме дали воопшто постои покачен артериски крвен притисок – хипертензија.

Кога се препорачува носење на холтер за крвен притисок?

 Индикации за 24 часовен холтер мониторинг на крвниот притисок се:

  • Рутинска дијагностичка процедура за поставување на дијагнозата хипертензија (покачен артериски крвен притисок)
  • При варијабилен крвен притисок
  • Кога покачените вредности на крвниот притисок тешко се докажуваат со единечни мерења
  • За следење на ефектот од препишаната терапија врз намалување на хипертензијата

Како се изведува процедурата?

На надлактицата на пациентот се става манжетна која е поврзана со мало апаратче кое се носи во торбичка која е прицврстена околу појасот. Апаратот се носи 24 часа. Во текот на денот и ноќта на секој половина час, манжетната се надувува и се мери крвниот притисок и пулсот кои ги регистрира апаратот. 
Пациентот во текот на денот треба да ги извршува вообичаените дневни активности и да води дневник за активностите. 
По 24 часа се трга апаратот и компјутерски се обработуваат и се анализираат добиените вредности. Врз основа на добиените резултати добиваме увид во дневно-ноќните варијации на крвниот притисок, пулсот и средниот артериски крвен притисок.